Поделба на „колачот“ во Град Скопје – Села: Застапеноста на Албанците во Скопје ќе биде унапредена

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Една управа и три заменик-директорски места се очекува да ѝ припаднат на Алијанса за Албанците по Нова година, изјави синоќа во „Клик Плус“ на ТВ21, пратеникот Елми Азири. Азири додава дека именувањата се во тек и дека се очекува да завршат наскоро.   

„Ми се чини дека една управа и тројца заменици-директори, но доста сериозна власт е“, вели Елми Азири.

Првиот човек на Алијанса, Зијадин Села се стреми кон повеќе управи. Вели дека неговата партија ќе се залага за зачувување и унапредување на застапеноста на Албанците во Скопје.   

„Алијанса за Албанците досега од она што разговараме ќе има две управи во рамките на Град Скопје и тројца заменици-директори. Секако дека ќе има четири или пет директори на средни училишта менаџирани од Град Скопје, секако има и основни училишта кои исто така се менаџираат од други општини во Град Скопје, како што се Гази Баба, Бутел, Ѓорче, Карпош и училиштето во Нерези“, посочи Зијадин Села.

Сѐ уште не се знае кои точно управи ќе заминат во рацете на албанската опозиција. Инаку, денеска беше назначен в.д. директорот на ЈП „Водовод и Канализација“-Скопје, Златко Перински.  Од 8 јавни претпријатија со колку располага Скопје, Арсовска досега именуваше 7 нови директори, а ниту еден од нив не доаѓа од албанскиот политички блок. Засега без директор е ЈП „Комунална хигиена“. Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска негира дека има договор со Алијанса и Алтернатива за именување директори во јавните претпријатија. Како што вели најважен е квалитетот. Инаку, во рамките на Град Скопје функционираат вкупно 8 јавни претпријатија, 8 културни установи и 22 средни училишта.