Подгорица ја осуди изјавата на Вучиќ по повод годишнината од независноста на Црна Гора

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Односите меѓу Црна Гора и Србија повторно се најдоа во фокусот на јавноста по размената на остри политички пораки околу одбележувањето на црногорската независност.

Министерството за надворешни работи на Црна Гора реагираше дека е неприфатливо и политички неодговорно годишнината од враќањето на независноста на државата да се претставува како чин насочен против Србија или српскиот народ.

Реакцијата доаѓа по изјавата на српскиот претседател Aleksandar Vučić, кој на 14 мај изјави дека би „плукнал во лице на себе и својот народ“ доколку учествува во прославата на, како што ја нарече, „отцепувањето“ на Црна Гора.

Од Подгорица наведуваат дека ваквата реторика не придонесува за добрососедски односи и ја нагласуваат потребата од почитување на историските и демократските процеси.

Министерството потсети дека во 2006 година Црна Гора ја врати својата независност преку слободно изразена волја на граѓаните на демократски референдум, спроведен во согласност со меѓународните стандарди и тогашната уставна рамка.

Во соопштението се наведува и дека Црна Гора и Србија претходно биле рамноправни членки на државната заедница по распадот на поранешна Југославија, како и дека со обновувањето на независноста било овозможено Србија да го продолжи својот државно-правен континуитет како самостојна држава.

„Црна Гора не ја слави својата независност против никого, туку во чест на слободно изразената волја на своите граѓани, историската и државната посебност, како и правото на секој народ да одлучува за својата иднина“, се наведува во реакцијата.

Референдумот од 2006 година, на кој 55,5 отсто од граѓаните гласаа за независност, претставуваше клучен момент во современата историја на државата. Кампањата за независност тогаш ја предводеше владејачката Демократска партија на социјалистите, додека дел од просрпските партии беа против одвојувањето од заедничката држава со Србија.