Момчето што се здоби со сериозни повреди на рбетниот столб на летувањето во Турција е во стабилна состојба. Директорот на клиниката за трауматологија Игор Мерџаноски информираше дека тој иако вчера добил покачена температура, сепак анализите покажале дека нема некакви инфекции и веќе е започнато со физикална терапија.
„Параметрите витални се добри, вчера имаше зголемена температура, направени се тестови, негативни се тестовите на било каква инфекција, најверојатно е од самиот транспорт и од операцијата која што е направена. Од денес е почнато да се храни преку уста така што имаме подобрување во општата состојба. Физикалците кои што се наоѓаат во единицата за интензивно лекување веќе почнуваат да работат со пациентот“, вели Игор Мерџаноски.
Ваквите повреди според директорот Мерџаноски се случуваат во лето кога без внимание се скока во вода каде што има опасност таа да е плитка или со камења и со тоа да се повреди рбетниот столб со што може да се здобие со траен инвалидитет или да го загуби животот. Воедно тој напомена и дека повреди кои можат да бидат фатални се случуваат и кај градежни работници кои работат при енормно високи температури.
„Имаме доста пациенти кои што паѓаат на работа, се градежни работници кои што се паднати, имаме пациенти кои што возат возило, колабираат од топлината. Така да има доста пациенти кои што се паднати како колабирани и настанати фрактури, тоа се повозрасни пациенти“, вели Игор Мерџаноски.
Момчето кое се здоби со сериозни повреди на рбетниот столб бил на летување во Кушадаси беше итно опериран во Турција по што со владин авион беше префрлен во земјава и пренесен на Клиниката за трауматологија.
