Поголемиот дел од младите, односно 58% сакаат да си заминат од Северна Македонија, а само 6% од нив би се вратиле во земјава, покажуваат резултатите од истражувањето на Фондацијата за демократија на „Вестминстер“. 65% од млади се незадоволни од нивното работно место, велат статистичките податоци од анкетата во која учествуваа околу 1.000 испитаници.
Според аналитичарот, Алберт Муслиу, главните проблеми кои ги „туркаат“ младите да ја напуштат државата се квалитетот на животот, безбедноста, високиот степен корупција и партизацијата на институциите.
„Последиците се сериозни, последиците од заминувањето не се гледаат веднаш, туку по одреден период. Кај нас се истражува и недостигот на работна сила. Кај вработените ќе има позитивен ефект, бидејќи ќе почне да се зголемува и цената на трудот, што може да биде и дополнителен мотив за некои да почнат и да се враќаат во земјава. Ако се регулира прашањето со партизацијата, корупцијата, владеењето на правото, повисоките професионални категории, младите можат да отворат свои бизниси тука“, истакна Алберт Муслиу.
За да се задржат младите во земјава, важно е да се вклучат и да учествуваат со креирањето политики, вели Тања Томиќ, експерт за креирање јавни политики.
Претставникот на Министерството за труд и социјална политика, Владимир Красиќ, вели дека иселувањето како процес не е присутен само сега. Смета дека пакетот мерки што го донесе ресорното министерство, како што е оперативниот план, ќе влијае врз намалување на миграцијата. Красиќ додава дека невработеноста меѓу младите во 2021 година бележи пад од 37на 28%, што според него претставува успех.
