Последнoто збогум за папата Франциск, кој почина во понеделник на 88-годишна возраст, се одржа денеска во Ватикан. Започна на плоштадот „Свети Петар“ кога неговиот ковчег беше изнесен од базиликата „Свети Петар“. По погребната миса, дрвениот ковчег на папата Франциск беше однесен во базиликата „Свети Петар“, по што беше транспортиран во поворка до базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што беше погребан на приватна церемонија затворена за јавноста.
Затворената церемонија во базиликата „Санта Марија Маџоре“ траеше околу половина час, се вели во соопштението.
„Погребниот обред се одржа во согласност со прописите на Ordo Exsequiarum Romani Pontificis, претседаван од кардиналот Камерленго, во присуство на лицата наведени во соодветното известување на Канцеларијата за литургиски прослави и членови на семејството на починатиот папа. Обредот заврши во 13:30 часот (12:30 часот по британско време)“, соопшти Ватикан.
Погребната миса за папата Франциск беше завршена во Ватикан, а неговото тело беше префрлено на местото за погреб, во базиликата Света Марија Велика во Рим. Италијанската полиција објави дека повеќе од 400.000 луѓе дојдоа да го испратат папата Франциск.
Меѓу присутните на погребната церемонија денес беа претседателот Доналд Трамп, првата дама Меланија Трамп и поранешниот претседател Џо Бајден и бројни други светски лидери, вклучувајќи го францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит, потоа украинскиот претседател Володимир Зеленски со неговата сопруга Олена, британскиот принц Вилијам, како и делегации од бројни земји, вклучувајќи ја и една од Македонија.
Кардиналот Џовани Батиста Ре, како декан на Колеџот на кардинали, претседаваше со погребната миса, на која сослужуваа 220 кардинали и 750 епископи и свештеници во близина на олтарот, како и повеќе од 4.000 други свештеници кои сослужуваа на плоштадот.
Џовани Батиста Ре, 91-годишен Италијанец, беше ракоположен во епархијата Бреша во 1957 година. Папата Јован Павле II го прогласи за кардинал во 2001 година. Учествуваше на конклавата во април 2005 година на која беше избран папата Бенедикт XVI и на конклавата во март 2013 година на која беше избран папата Франциск.
Мисата започна со читање на Делата Апостолски, по што следеше читање на Посланието на Свети Павле до Филипјаните, кое беше прочитано на шпански јазик.
Кардиналот Ре зборуваше за ликот и делото на папата Франциск. Тој рече дека папата е оној кој стои меѓу народот.
Денешната миса пред плоштадот „Свети Петар“ заврши со Молитвата на Црквата во Рим, Молитвата на Православната Црква и Химната на Пресвета Богородица.
После тоа, ковчегот на папата Франциск беше пренесен со Папамобилот до базиликата „Света Марија“, каде што се врши погребот, кој е затворен за јавноста.
Исто така, вреди да се напомене дека папата Франциск побарал да биде погребан во едноставен дрвен ковчег покриен со цинк, за разлика од неговите претходници кои биле погребани во три меѓусебно поврзани ковчези направени од чемпрес, олово и даб.
