Во изминативе десет месеци од годинава значително е намален бројот на жртвите во сообраќајот и досега тој број изнесува 84 лица што е за 33 помалку во споредба со истиот период минатата година. Ова го изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој истакна дека е задоволен од намалувањето на жртвите, но дека ќе се преземаат мерки за бројот на загинатите во сообраќајот да се намали уште повеќе. Рече дека е општо познато тоа што возачите внимаваат само во зоните на Сејф сити системот, па затоа најави дека дополнително полициски возила ќе контролираат сообраќајни прекршоци.
„Во иднина заради тоа што сега ги научивме камерите каде се и знаеме дека каде што има камера возиме така како што треба, каде што нема камера, повторно имаме поинаков тип на управување со моторно возило. Во иднина голем број, јас нема да кажам од старт колку, но голем број од полициските возила кои што ги има Министерството за внатрешни работи ќе бидат во исто време и уреди со кои што ќе може да се констатира неколку прекршоци. И цивилни“, вели Панче Тошковски.
Министерката за образование Весна Јаневска пак рече дека во училиштата ќе се воведуваат едукативни програми со кои децата ќе учат како да се однесуваат безбедно во сообраќајот. Сепак нагласи дека важна улога има семејството.
„Во училиштата ние имаме теми, како што кажав низ повеќе предмети каде што ги образуваме и во наставната и воннаставната активност, односно во повеќе активности но би сакала да потенцирам дека и семејството не смее да биде исклучено од оваа активност затоа што тоа е првиот и единствениот начин да спречиме нешто за што после би можеле да жалиме“, вели Весна Јаневска.
Системот Сејф сити беше воведен во февруари годинава, а дополнително се усвоија измени и во однос на управување со тротинети со кој беше воведено забрана за управување на малолетници, потоа се ограничи брзината на возењето и кацигата стана задолжителна.
