Полиса за осигурување на стан чини 50-тина евра годишно – пречки, неиформираност и недоволна финансиска едукација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓаните не си ги осигуруваат своите домови зошто мислат дека тоа е скапо. Но,  полиса за осигурување на стан од 50-60 квадрати чини 50 евра годишно, што е 8 пати поевтино од просекот за полиса за каско осигурување на автомобилот која е 400 евра. Во емисијата Бизнис 21 Митко Теохаров советник за осигурување и Горан Ѓорѓев осигурителен брокер посветена на финансиска писменост, истакнаа дека неинформираноста и недоволната финансиска едукација на населението се главните причини за неинвестирањето.

„Еве ќе земам една полиса каско осигурување за автомобил на која во моментов и е просечна цена отприлика 400 евра, за разлика од просечната цена за осигурување на домот која е од 50 евра па нагоре, значи гледаме пута 8 некаде поскап производ, во број на склучени договори имаме повеќе за поскап производ отколку склучени договори за домот“, вели Митко Теохаров.

„Од наше раѓање како што одиме во образовниот систем знаеме дека ние немаме горе доле никаков предмет во однос на финансии. Од најмали нозе ние не ги разбираме финансиите, не знаеме како треба да раководиме со самите финансии. И ние кога ќе дојдеме до ситуација да почнеме да заработуваме и да водиме средства и финансии не знаеме што треба да правиме со нив. Затоа и најголем дел од истражувањата последни што се направени е дека македонците многу повеќе се задолжуваат него да размислуваат воопшто за штедење“, вели Горан Ѓорѓев.

Според нив нискиот животен стандард е една од причините, но не и клучна кога се размислува за штедење и инвестирање. Велат треба да се работи на подигање на свеста и на финансиска едукација.

„Втората причина може после да биде стандардот. Меѓутоа стандардот зашто е помал е причина, затоа што секој може различно средства да трга  ако збориме сега за штедење или инвестирање на средства различно може да трга. Така да ако имаме ние начин на размислување каде што треба прво да тргнеме да инвестираме средства па потоа да трошиме, тогаш би се сменила многу ситуацијата во Македонија“, вели Горан Ѓорѓев.

„Ако некого прашате што е поверојатно, без да му споменувате осигурување, дали да ви го изгребат автомобилот на паркинг или да ви пукне цевка во домот од парно и да ви се крене паркетот, јас верувам дека 9 од 10 ќе кажат да ми го изгребат возилото на паркинг“, вели Митко Теохаров.

Податоците говорат дека пазарот на осигурување во земјава расте со брзо темпо. Во првата половина од годинава тој достигна вредност од над 155 милиони евра, што е раст од над 17 % во однос на истиот период лани. 2024 година надмина 250 милиони евра.  Апсолутна доминација има неживотното осигурување со дури 83% од целиот пазар. А најголем удел тука има осигурувањето од автомобилска одговорност, кое е задолжително.