Политичарите лицитираат со бројки – калкулации пред пописот, колку Албанци, а колку Македонци има?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На три месеци пред почетокот на пописот започнаа пресметките за тоа колку Македонци и колку Албанци живеат во државава. Политичарите се погласни кога станува збор за бројот на Албанци. Пратеникот на ДУИ, Изет Меџити е на став дека во земјата живеат над 25 отсто Албанци и дека не треба да има дилема околу ова.

„Според сите индикатори, Албанците ќе бидат над 25%, според учениците и наталитетот. Сите овие индикатори зборуваат дека се повеќе отколку што беа во претходниот попис“, вели Меџити.

Исто мислење има и неговиот колега Арбр Адеми.

„Во учебната година 2017/2018, 121 272 ученици или 64,22% беа Македонци, а на албански јазик беа регистрирани 60 709 ученици, или 32,15%. Но овде не е според етничката припадност на децата, туку на кој јазик следат настава.“, изјави Адеми.

Пратеникот на АА, Халил Снопче, вели дека Албанците не се помалку од 29 отсто.

„Доколку ги земаме податоците од пописот од 2002 година, и доколку ги земаме предвид статистиките од наталитетот и морталитетот од 2003 година до 2019 година, јас ви гарантирам дека Албанците не се помалку од 29 отсто.“, рече Снопче.

Од ВМРО-ДПМНЕ, партија која не го поддржа овој закон, велат дека Пописот е политизиран.

Вториот човек на Заводот за статистика, Илми Селами, ги повика политичарите да не се мешаат таму каде не им е местото бидејќи, како што вели, политиката треба да стои подалеку од пописот.

„Пописот е чист статистички процес, апсолутно нема работа за политиката. Ако дозволиме мешање на политиката, секогаш намерата на политиката е да се меша таму каде што не треба, ако гледаме да најдеме причини, секогаш ќе има причина да кажеме дека пописот треба да се одложи или да не се одржи. Но, овие реакции на политичките партии ги оценувам како реакции за постигнување на политички поени.“, вели Селами.

Последниот попис во Македонија е спроведен во 2002 година. Потоа имаше обид и во 2011, но истиот беше неуспешен, а за тоа има и судски предмет. Вообичаено во државите попис се спроведува на 10 години. Пописот во РСМ е предвиден да се спроведе од 1 до 24 април годинава.