Не е невообичаено демонстрантите да фрлаат разни предмети кон полицијата на протест, но реткост е полицијата да враќа во иста мера.
Ова се случи на вчерашниот протест организиран во знак на револт за монтираните судски случаи. Полицајците фрлеа кон демонстрантите предмети кои демонстрантите ги фрлиле кон полицајците.
Камерата на ТВ21 го сними моментот кога полицаец фрлаше предмети кон демонстрантите.
Изгледа ова го мотивираше неговиот колега пред него кој не фрли само еднаш туку 5 пати.
Вакви сцени снимаа и камерите на другите медиуми.
Освен тоа беше снимано и сцена кога полицаец собори на земја постаро лице кое им се најде на патот додека ја спроведуваа акцијата.
Од МВР велат дека ниту еден демонстрант не е повреден, а ќе биде разгледано непрофесионалното постапување на полицајците.
„Досега немаме добиено пријава за повредени демонстранти, а за било какво непрофесионално постапување од страна на полициски службеници случајот ќе биде испитан и за исходот дополнително ќе известиме“, велат од МВР.
Протестот на почетокот беше мирен, но судирот дојде откако полициски кордон го блокираше патот на демонстрантите. Нивниот план беше да дојдат до Кривичниот суд за да продолжат кон Владата, а таму да го кренат гласот против, како што велат, монтираните и неправедните судски случаи, како што се Монструм, Алфа и Алмир. МВР со образложение:
„Поради безбедносни причини беше одлучено масата да биде запрена на таа точка, a доколку претставници на демонстрантите сакаа да упатат и пренесат некаква порака до Собранието или Владата, можеа слободно да се движат“, велат од МВР.
Од МВР велат дека во вчерашниот протест првично беа пријавени 7 повредени полициски службеници, а дополнително уште четворица пријавија повреди. Станува збор за лесни телесни повреди и по извршените прегледи полициските службеници се пуштени на домашно лекување.
Приведени се осум демонстранти, а по насоки на Јавен обвинител ќе им биде поднесена кривична пријава за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, предвидено и казниво по член 385 од Кривичниот законик.
Од Полиција исто така велат дека СВР Скопје презема активни мерки и активности за дополнителна идентификација на други лица.
