Поголема контрола врз работата на полицијата и документирање на службените интервенции треба да донесе најавеното задолжително користење боди камери. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека ваквите камери ќе станат задолжителна опрема за полициските службеници при извршувањето на нивните работни задачи.
Тоа значи дека полицајците ќе треба да ги носат камерите при секое службено дејствување и преземање оперативни активности.
„Полициските службеници при секое едно нивно дејствување, при секое едно нивно оперативно преземање на активности ќе бидат задолжени да носат боди камери“, изјави Тошковски.
Според министерот, оваа мерка треба да придонесе за поголема професионалност и одговорност во постапувањето на полициските службеници, но и да ја олесни работата на обвинителството и судовите.
Тој посочи дека видео снимките ќе претставуваат дополнителен доказен материјал, кој ќе може побрзо да се собере и достави до надлежните институции.
„Со тоа, од една страна цениме дека ќе се поткрене професионалниот одговор од страна на полициските службеници, но од друга страна цениме дека и те како ќе биде корисно во рамки на доказните постапки“, рече Тошковски.
Од МВР очекуваат воведувањето на боди камерите да придонесе за поквалитетни докази во судските постапки и поголема ефикасност при утврдувањето на фактите во случаите по кои постапуваат надлежните органи.
