Додека едни полицајците го регулираа сообраќајот, нивни колеги протестираа за повисоки плати. Тие дури имаа поддршка од полициски синдикалци од соседните земји како што се Црна Гора и Србија.
Околу 500 полицајци го блокираа еден од најпрометните сообраќајни јазли во Скопје – раскрсницата кај Мавровка. Половина час протестираа со транспаренти и повици за зголемување на платите. Од Независниот полициски синдикат посочуваат дека илјадници тужби поднесени од полицајци против Министерството за внатрешни работи со години собираат прав во фиоките, без разрешница.
Тие бараат платата на некои полицајци, која е под минималната плата, да се зголеми на износот што им следува според закон.
Тие ги оспоруваат одлуките на граѓанскиот и апелациониот суд во Скопје, правејќи споредби дека за истите прашања, полицајците во Гостивар и во Битолa ги добиле тужбите против Министерството за внатрешни работи за зголемување на платите.
Според овој синдикат, платата на полицајците се состои од основна плата, плус зголемувања на платата, стаж и додатоци на плата, а според Законот за минимална плата, основната плата не може да биде пониска од минималната на национално ниво.
Во Министерството за внатрешни работи, платите се пресметуваат според систем на поени, почнувајќи од 550 поени и нагоре, со вредност на еден поен од 35,47 денари. Овој систем ја формира основната плата на полицајците.
Според Независниот полициски синдикат, илјадници полицајци примаат основна плата од само 19.500 денари, што е значително под минималната нето плата во државата која од март изнесува над 24 илјади денари. Тие предупредуваат дека и покрај зголемувањето на минималната плата, оваа категорија вработени останала надвор од промените.