Полицијата го приведе директорот на ЈП „Комунална хигиена“: Се сомничи за лошо управување и загрозување на животната средина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Попладнево, полицијата приведе две лица, осомничени за лошо управување со ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје. Едно од приведените лица е директорот Сабахудин Рустеми. Акцијата е спроведена по налог на обвинителството.

-Со наредба на Јавното обвинителство – Скопје, полициските службеници преземаат дејствија за обезбедување на докази. Приведени и задржани се две лица од раководството на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомнение за извршување кривично дело согласно член 230 од Кривичниот законик, велат од ОЈО.

Веднаш реагираше градоначалничката во заминување на Град Скопје, Данела Арсовска, која порача дека наместо директорот, требало да биде уапсена претседателката на Управниот одбор, Јулијана Спировска.

„Претседателката на Управниот одбор, Јулијана Спировска, нема да биде уапсена затоа што има албум со фотографии од сите функционери на ВМРО. Јулијана која ја управува Комунална Хигиена Скопје е осуден криминалец во 2022 година со казна затвор за убиство и осуден криминалец во 2006 за нанесување тешки телесни повреди, рече Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје во заминување.

Според наведениот член од Кривичниот законик, приведените лица се сомничат за загрозување на животната средина и природата со отпадни материјали. Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство – Скопје, минатата недела информираше дека започнало постапка и презело активности за обезбедување докази во врска со можна кривична одговорност поврзана со проблемот со отпадот во главниот град.