Полицијата на Хрватска предупредува: Не наседнувајте на повици од овие броеви, тоа е измама

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вчера неколку граѓани во Истарскиот регион пријавија во полицијата обид за телефонска измама.

Според нив, тие добиле повици од непознати меѓународни броеви, најчесто со повикувачки кодови за Шпанија (+34) и Италија (+39). Од другата страна на линијата, автоматски глас на англиски јазик го информира повикуваното лице дека е распишана потерница по нив или дека нивните лични документи и контакти се злоупотребени. Целта на ваквите повици е измама и нелегално собирање лични податоци на граѓаните, соопшти истарската полиција.

Полицијата нагласува дека граѓаните не треба да наседнуваат на вакви обиди за измама и дека никогаш не треба да ги споделуваат своите лични податоци со непознати лица. Важно е да се запомни дека службените тела, вклучително и полицијата, никогаш не ги информираат граѓаните за преземените службени дејствија преку телефонски повик, а особено не без претходно да го потврдат идентитетот на лицето со кое разговараат.

Доколку добиете сомнителен повик или се сомневате дека сте станале жртва на измама, веднаш спуштете ја слушалката и известете ја полицијата со повик на 192.