Полицијата разби мрежа на криминалци кои се занимавале со лихварство и со перење пари. Луксузни возила се пронајдени и конфискувани за време на претресот.
Уапсени се 11 лица под сомнение дека извршиле кривични дела “Насилнички заем” и “Перење пари и други незаконски приходи од криминал”, додека едно лице е во бегство. Лицата се на возраст од 25 до 73 години.
„На жртвите им било побарано да ги вратат средствата што ги позајмиле со акумулирани камати или да плаќаат месечен износ на база на каматата, а кога не биле во можност да ја исплатат кредитот, од осомничените било побарано да го предадат или да стават залог на имотот што го поседуваат, пренесувајќи го на името на некое од осомничените лица. Собирањето на средствата се вршело директно преку едно од осомничените или преку трансакциски сметки во банка, од сметката на жртвата во сметката на едно од осомничените.“, рече Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Позајмиците што им ги давале на луѓето во финансиски тешкотии биле со високи камати од 5 до 15% месечно.
„Паричните средства кои во несразмерен износ ги враќале оштетените, се внесувале на сметките на осомничените во банка или во сеф, по што несразмераната имотна корист на различни начини ја внесувале во легалните финансиски текови, односно постои основано сомневање дека во истиот период дванаестмината осомничени и едно осомничено правно лице како организирана криминална група за перење на пари се стекнале со противправна имотна корист изразена во парични средства од 125.033.527 денари прибавена со кривичното дело “Лихварство”-велат од МВР.
Од полицијата беше соопштено дека дел од средствата што осомничените ги добиле од физички лица, на сметките или во готово, со цел да изгледаат како легални средства, биле користени за вршење трансакции на сметки на правни и физички лица. Дел од парите биле користени за лични потреби на осомничените, за купување недвижен и движен имот, како и за луксузен живот, а голем дел од средствата биле подигнати во готовина.