Полициски службеник брутално тепа граѓанин во центарот на градот во Битола. На видеото се гледа како полицискиот службеник го удира со пендрек по глава, го легнува и го удира со клоци. Невладината организација „Аваја“ која го објави видеото вели дека се уште е непознат идентитетот на претепаното лице.
„Видеото ни го испрати анонимен граѓанин од Битола. Настанот се случил синоќа во Битола во центарот, блиску до поштата, тоа се информациите што ги добивме. И за жал наликува на сцените од полициската бруталност која што се случува во Америка“, посочи Елвис Шаќири.
Елвис Шаќири бара од МВР и Јасвното обвинителство да го истражат случајот.
„Ние го осудуваме овој чин очекуваме од МВР да го испита и ќе го санскионира полицискиот службеник со отпуштање од работа затоа што полицијата наместо да ги штити граѓаните затоа што тие се платени од нас и треба да бидат во служба на граѓаните. Тие го тепаат обичниот граѓанин“, додава Шаќири.
А, од МВР веќе работат на случајот. Како што велат утврден е идентитетот на полицајците и веројатно ќе сносат одговорност за непрофесионално постапување на полициски службеник.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи веќе го утврди идентитетот на учесниците во настанот и презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот по што јавноста ќе биде соодветно информирана“, велат од МВР.
Засега не позната ниту причината зошто полицијата интервенирала и дали лицето се противело при евентуален обид за негово приведување.
Од здружението велат дека имале и други случаи каде се вршело физичко насилство од страна на полициски службеници, но граѓаните се плашат да ги пријавуваат полицајците затоа што им се закануваат.
