Полошките општини мака мачат со отпадот – во Тетово тони ѓубре на местото за утовар и истовар

НАЈНОВИ ВЕСТИ



Местото за утовар и истовар на отпадот во Тетово е претворено во планина од ѓубре и шут. Од Јавното комунално претпријатие велат дека секојдневно пренесуваат по 150 тони отпад во депонијата „Дрисла“, но дека периодов во Тетово има повеќе отпад, па поради тоа не успеваат да го исчистат навреме.

„Од 2015-та па сѐ до денеска ние продолжуваме да работиме и да го пренесуваме отпадот во „Дрисла“, Скопје. И покрај високата цена, сѐ уште не постигнавме договор за отпадот да го носиме во „Русино““, посочи Џељал Цека.

Цека вели дека затворениот систем бил воведен од депонијата „Дрисла“, но дека истиот сега не е во функција поради големата количина отпад.

„Тој систем беше на „Дрисла“, а не на Јавното претпријатие. Мислевме дека ќе функционира, но поради големата количина отпад, видовме дека таков систем не може да функционира“, додаде Џељал Цека.

Затворениот систем беше промовиран како решение за проблемот со отпадот во Тетово, но градот и понатаму мака мачи со отпадот насобран на местото за утовар и истовар. Проблем со палењето на отпад имаат и жителите на Гостивар, кои вчера излегоа на протест, барајќи депонијата „Русино“ да биде дислоцирана од градот. Во Македонија сѐ уште нема депонија која ги исполнува еколошките стандарди и која врши рециклирање на отпад.