Положи заклетва и ја презема функцијата – новата шефица на ОЈО ГОКК, Хаџи Василева: Поодлучен прогон на случаи што го засегаат јавниот интерес

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, изјави дека нејзини главни приоритети ќе бидат ефикасното кривично гонење, сеопфатната работа на Обвинителството и максималното искористување на расположливите ресурси во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

По давањето свечена изјава денеска пред Советот на јавни обвинители, по повод преземањето на функцијата, Хаџи Василева истакна дека приоритетите веќе се утврдени и дека добро ѝ е позната состојбата во областа на надлежностите на Обвинителството.

„Приоритетите се јасни – ефикасен кривичен прогон, целисходност во нашата работа и максимално искористување на ресурсите што ни се ставени на располагање. Свесни сме дека тие во одреден дел се ограничени, но ќе се залагаме за обезбедување повеќе ресурси и за што поефикасно користење на постојните, со цел да постигнеме поуспешни резултати“, изјави Хаџи Василева.

Коментирајќи ги оценките во последниот извештај на Европската комисија дека нема напредок во борбата против корупцијата, новата шефица на ОЈО ГОКК рече дека е свесна за предизвиците што ги носи актуелниот контекст.

„Ќе се обидеме да испорачаме поефикасен и поодлучен кривичен прогон таму каде што тоа е најпотребно, односно во предмети и ситуации што навистина го засегаат јавниот интерес и што се од значење за сите нас, за граѓаните и за општеството во целина“, рече Хаџи Василева.

Хаџи Василева беше избрана за шефица на ОЈО ГОКК на изборите одржани на 28 октомври годинава, освојувајќи 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче.

За оваа функција конкурираа пет јавни обвинители: Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски.

При претставувањето на својата програма пред Советот на јавни обвинители, таа истакна дека фокусот на ОЈО ГОКК треба да биде борбата против корупцијата и организираниот криминал, како појави што го загрозуваат јавниот интерес, мирот на граѓаните и напредокот на општеството.

Изборот на новата раководителка следуваше по истекот на мандатот на досегашниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој на оваа функција беше избран во октомври 2022 година.