Помина првата фаза од усвојувањето на законите на коридорите 8 и 10Д. Опозицијата побара да се отфрлат законите и да се вратат во Владата, бидејќи, како што рече и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во текстот на овие закони не е наведено усогласување на домашното законодавство со она на Европската унија. Најави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја напушти седницата за овие закони а ги повикаа и помалите партии но и другите пратеници истото да го сторат за да нема кворум.
„Треба да се наведат податоци за изворниот акт на Европската унија со полн назив, број, датум, како и изјава за усогласеност, потпис на надлежниот министер и јасно наведување на правниот акт на кој се однесува извршеното усогласување. Тоа го немаме. Празни се коресподентните табели. Затоа барам согласно член 136 претседателот на Собранието и во оваа фаза да ги врати овие закони и да побара од предлагачот да ги усогласи одредбите“, вели Никола Мицевски.
Против овие закони се изјаснија и од помалите политички партии.
„Владата предлага 5 закони со европско знаме а никаде не видовме дека има усогласување на домашното законодавство односно на овие закони со законодавството на Европската унија или со стандардите на Европската унија. Значи се работи за практично да се покријат коруптивните елементи на договорот постигнат со Бехтел и Енка“, порача Павле Трајанов.
Образложувајќи ги законите од власта рекоа дека потребата од зголемување на работното време нема да ги крши правата на вработените, туку се носи поради потребата од побрзо завршување на проектот.
„Целта на измената и дополнувањето на законот е да се овозможи забрзана реализација на а градби од стратешки интерес за изградба на државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи како и други градби од јавен интерес кои се реализираат како стратешки инвестициоини проекти или проекти од стратешко национално значење утврдени со закон преку поедноставување на процедурите“, порача Благој Бочварски.
„Заради потребата од континуитет во работата прекувремената работа може да трае подолго од 8 часа неделно и 190 часа годишно, по претходна дадена писмена согласност од страна на работникот. Исто така работата над 40 часа неделно ќе се смета и плаќа како прекувремена работа со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор согласно со овој закон“, вели Енвер Хусеин.
По усвојувањето на потребата од донесување на законите за коридорите 8 и 10Д, ќе одат на расправа само на Комисијата за европски прашања каде дебата трае најмногу 2 дена, а потоа се враќаат на пленарна седница на усвојување.
