Поминаа реформските закони од ЕУ агенда – опозицијата критикува, јавниот сектор ќе се партизира уште повеќе

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Реформските закони за јавна администрација и за административни службеници кои се дел од европската агенда поминаа на седница на Собранието. Министерот Горан Минчев во образложението претходно рече дека со тоа ќе се придонесе за професионализација на јавниот сектор, а тврди и дека ќе се прекине со партизација на администрацијата. Вработувањата ќе бидат врз основа на заслуги а не на познанства, рече Минчев.

-Првото е професионализација на јавниот сектор што значи дека со тоа ќе се овозможи секој конкурс да биде јавен, институциите ќе бидат обврзани на целосна транспарентност, селекцијата ќе се врши низ три јасни доверливи фази – административна проверка, тестирање и интервју со утврдени кандидати и критериуми. Борба против партизацијата која е еден од главните фундаменти со јасни ограничувања на дискреционите овластувања со строги правила. Го прекинуваме просторот за партиски и неформални вработувања во јавниот сектор, изјави Горан Минчев, министер за јавна администрација.

Опозициската СДСМ со критики, велат дека законите се конфузни и нема да ја подобрат состојбата на вработените во јавниот сектор, а наместо да ја запрат, отвораат простор за уште поголема партизација.

-Самиот предлог закон е конфузен, нејасен, контрадикторен и во поголемиот дел со ништо не ги оправдува целите поради кои што е изготвен. Уште повеќе одредени состојби во предлог законот се влошени од аспект на правата на административните службеници, самиот закон има многу недоречености што ќе отвора можности за коруптивен ризик и партизација наспроти компетентност и мерит систем, изјави Јована Тренчевска од СДСМ.

Воедно пратениците усвоија и четири закони за дигитална трансформација со европско знаменце. Министерот Стефан Андоновски истакна дека со Законот за безбедност на мрежни и информациски системи првпат во државава се воспоставува законска рамка за регулирање на сајбер безбедноста што ќе значи значаен исчекор кон дигиталната иднина.