Пониква подготвена за скијачката сезона

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обилните врнежи од снег на Осоговските Планини овозможија подготовките за скијачката сезона на Пониква годинава да завршат навреме, а патеките за скијање и санкање ги очекуваат љубителите на зимската рекреација.

Од фирмата „Еурокомерц“, која е концесионер на терените на Пониква, информираа дека во функција веќе е ставен ски-лифтот на патеката број 1, а во зависност од интересот и бројот на гости, патеката број 3 ќе биде активирана за претстојниот викенд.

-Дебелината на снежната покривка е доволна за скијачите почетници, така што нема потреба од дополнително ангажирање на топовите за вештачки снег. Во текот на работната недела имаме нешто помал број гости, но со оглед на интересот за време на викендите, планираме в петок да го пуштиме и ски-лифтот број 3. На посетителите им се нуди можност да изнајмат опрема за скијање и санкање, а цената на дневниот билет засега останува на минатогодишното ниво, истакна Благој Манев, директор на „Еурокомерц“.

Подготвени да ги примат гостите и посетителите се и угостителските објекти, кои располагаат со капацитет од околу 400 легла, а можност за сместување има и во дел од приватните викенд куќи, за што е неопходно претходно закажување.

Патниот правец од Кочани до Пониква е целосно прооден, а обврска за одржување и чистење на снегот има јавното претпријатие „Македонијапат“. Од минатата сезона, покрај постојните 100 места за паркирање пред одморалиштето на МВР, обезбедени се дополнителни над 300 места во месноста Аеродром.