Попис, дијаспората се соочува со проблеми – Завод за статистика: Наскоро ќе се среди

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Само што започна првата фаза од пописот. Иселениците се соочија со низа проблеми при попишувањето. Еден од главните е дека системот не им ги признава податоците, поточно матичниот број. Некои пак се пожалија дека официјалната онлајн платформа на Државниот завод за статистика не функционира.

„Веднаш почнав да се регистрирам, но проблемот што мене ми се појави беше кога го запишав матичниот број, не го прима, вели дека е погрешен матичниот број. Јас немам друг матичен број, го имам само тој“, истакна Меџит Селмани.

Во меѓувреме директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски, вели дека процесот на онлајн пописот на дијаспората се одвива без некој посебен проблем.

Дијаспората се жали зошто класификациите при пописот се само на македонски јазик а не и на албански. Симовски вели дека е невозможно да се преведат сите класификации кои се бараат при пописот, дури додаде дека тоа не го прави ниту Агенцијата за спроведување на законот за јазиците.

Заменик директорот на Заводот за статистика, Иљми Селами појасни дека системот за пописот имал технички проблеми со матичните броеви кои започнуваат на “нула“, но додава дека наскоро ќе се среди овој проблем. Пописот на иселениците ќе се спроведе во соработка со МНР, за што е предвидено да се реализира и кампања за мотивирање на нашите иселеници да се попишат.