Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Лилјана Поповска изјави дека Македонија не е во трка со времето, туку со сериозен демографски проблем, кој, според неа, е директно поврзан со разочарувањето на граѓаните и нивното иселување од државата.
„Ние не сме во костец со времето. Ние сме во костец со демографскиот проблем, затоа што разочарувањето од неисполнување на одредени очекувања на граѓаните предизвикува иселувања и барање други патишта кои ќе им донесат поголем бенефит во животот“, рече Поповска.
Таа оцени дека времето не работи во корист на Македонија и дека надежите оти соседите ќе попуштат во своите барања се покажале како погрешни.
Според Поповска, и Грција и Бугарија имаат долга историска традиција на заштита на сопствените интереси и на териториите што ги добиле низ историските процеси.
„Наивно се забораваше дека и Грција порано и Бугарија сега имаат долга историја и политика на зачувување на она што некогаш го добиле, особено по Букурешкиот договор“, истакна Поповска.
Таа посочи дека големите сили низ историјата им давале предност на соседните земји поради нивната геостратешка позиција, додека Македонија немала таков меѓународен приоритет.
„Истите тие големи сили кои некогаш одлучиле дека им се поважни Грција и Бугарија, практично и денес одлучуваат за нашата сегашност како држава“, рече Поповска.
Во своето гостување, таа нагласи дека Македонија отсекогаш имала силна демократска и републиканска определба за сопствена држава, но дека никогаш не успеала да биде геостратешки поважна од своите соседи.
„Еден од нашите проблеми е што никогаш не сме имале можност да бидеме позначајни геостратешки од нашите соседи“, додаде Поповска.
