Протоколот е еден несреќен записник со многу дефекти кој не е ниту правно регуларен и затоа поведов иницијатива пред Уставниот суд за негово преиспитување. Ова во емисијата Клик плус на ТВ21 го истакна поранешната претседателка на партијата ДОМ Лилјана Поповска која минатата година го оспори пред Уставниот суд вториот Протокол со Бугарија. Според неа ништо нема да се постигне со внесувањето на Бугарите во Уставот, туку ќе си нанесеме уште поголема штета во време кога бугарската држава не го признава нашиот македонски идентитет.
„Протоколот е за мене главен блокатор за почеток на евроинтеграцијата и за нејзино нормално одвивање и завршување. Тој е еден дефектен дел во евроинтегративниот пакет и сосема е неточно кога некој тврди дека доволно е само да ги внесеме Бугарите како малцинство во нашиот Устав и дека со тоа ќе започне евроинтеграцијата“, рече Поповска.
Според Раби Седрак, директор на Институтот за меѓународни стратегиски и безбедносни студии на тимот кој ги подготвувал договорите со Грција и Бугарија им недостасувало практично и политичко искуство за решавање на чувствителните прашања поврзани со идентитетот и државноста. Наведува и дека одредени делови од договорот со Бугарија се погрешни.
„Грешката каде беше, грешката е кога почнавме да спомнуваме зборот „заедничка историја“, ние немаме ништо заедничко со историјата со Бугарија. И сега во Договорот што го направиле 2017-та, не се сеќавам точно датум каде пишува „заедничка историја“. Заедничка историја со Бугарија нема. Врз основа на што?“, праша Седрак.
Двајцата соговорници се согласија дека усогласеноста на европската регулатива со македонската е на високо ниво но дека нивната примена е многу слаба.
