Професорот и актуелен советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Владо Поповски во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека ние сме со посебен јазик и историја.
„Да ги развиваме добрите економски односи, да го спречиме јазикот на омраза кон Бугарите, конечно Бугарите ни се близок народ. Бугарија низ историјата прими најголема македонска емиграција, со потекло од Македонија веројатно има околу 2 милиони Бугари, исто така има и во Србија но помалку. Тврдењето на таа основа дека ние сме Бугари и дека јазикот ни е бугарски не е точно“, истакнува Поповски.
Професорот вели дека тоа е толку излитен аргумент бидејќи тие се повикуваат на средновековна Бугарија, на цар Симеон кој ја владеел Македонија.
„Имаме заедничка историја со Бугарија, Србија, Византија каде што грчкиот елемент беше доминантен 2 века, со Турција 5 века заедничка историја, а заедно сме живееле со Албанците најмногу под различни власти и ние сме со заедничка историја. Ние сме дел од таа историја, но ние сме посебен народ со посебен јазик“, порачува Поповски.