Поради градежни зафати, не работи сигнализацијата на пругата во Драчево (ВИДЕО)

НАЈНОВИ ВЕСТИ

До ТВ21 пристигнаа видеа и фотографии од граѓани кои реагираа дека на железничката пруга во Драчево не функционира сигнализацијата на патниот премин, изразувајќи загриженост за безбедноста во сообраќајот.

По овие реакции ТВ21 се обрати до МЖ Инфраструктура, од каде пристигна следното појаснување:

„Во врска со патниот премин во Драчево, сакаме да Ве известиме дека на делницата Драчево–Илинден се изведуваат градежни работи за реконструкција на оваа делница. Јавноста за овој проект е веќе известена. Сигнализацијата е исклучена од наша страна, бидејќи низ патниот премин поминуваат машини кои вршат подбивање на пругите. Во случај кога сигнализацијата не работи, машиновозачите добиваат упатства коишто се во согласност со прописите за преминување на патен премин кога не функционира сигнализацијата. Во тој случај возот застанува пред патниот премин, дава звучна сигнализација и внимателно поминува преку патниот премин“, велат од МЖ Инфраструктура како одговор на прашањето на ТВ21.