Поради истакнување на албанското знаме, навивачите на Шкендија исфрлени од стадион во Струмица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Навивачите на фудбалскиот клуб Шкендија во неделата отпатуваа од Тетово за Струмица за да го следат својот тим кој се соочи со Брера. Сè поминало добро, но во моментот кога го развиориле албанското знаме, полицијата решила да ги отстрани од трибината.

-По 200 км патување до Струмица, во 30-та минута од натпреварот Брера – Шкендија, доаѓа наредба да се напушти трибината, бидејќи на железата на трибините го истакнавме државното знаме, идиотизам и пример што покажува дека се сметаат Албанците за граѓани од втор ред во словенска држава, велат од Балисти.

Од тетовскиот клуб соопштуваат дека отстранувањето на навивачите од трибините не било барање на официјалниот делегат на натпреварот, туку ваквата одлука ја донела самата полиција.

-Целосна радост на црвено-црните не им дозволија органите на редот (полицијата), кои побараа отстранување на албанското знаме од трибината на која беа стационирани нашите навивачи, по што „Балистите“ решија да го напуштат стадионот по само 30 минути игра. Нашиот протест не даде резултат бидејќи делегатот на натпреварот во ниту еден момент не побара симнување на знамето и се беше во режија на Секторот за внатрешни работи Струмица, велат од ФК Шкендија.

Но од МВР за ТВ21 го велат спротивното. Од таму велат дека одлуката за отстранување на навивачите од трибините ја донел делегатот на натпреварот.

Откако делегатот побара навивачите да го тргнат поставеното знаме, бидејќи со неговото поставување го кршат член 3, параграф 1, алинеја 3 од законот за спречување насилство и несоодветно однесување на спортски натпревари, навивачите го одбија ова барање и потоа сами си заминаа, велат од МВР за ТВ21.

За овој настан беше прашан и премиерот.

Инаку од неофицијални извори се дознава дека полицијата најпрво побарала Балистите да го отстранат знамето или да ја напуштат трибината. Тетовските навивачи одлучија да ја напуштат трибината. На овој натпревар Шкендија победи со 2:0.