Поради пратениците, страдаат работниците – близу 17.000 не добиле плата за февруари, 5-тиот пакет „заглавен“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дури 10,7 отсто од фирмите, вклучувајќи ги и самостојните вршители на дејност, не успеале да им дадат плата на вработените, информираше денеска директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска. Поточно речено, близу 17.000 работници не земале плата за месец февруари. Според неа ова се должи на финансиската неможност на фирмите да исплатат плати поради кризата со Ковид 19 и заглавените закони од петтиот пакет мерки за помош на работодавачите.

„Во однос за информацијата за неисплатени плати во месец февруари, од 63. 948 прифатени МПИН пресметки, 6.888 работодавачи не исплатиле палата или тоа во проценти е 10, 7 отсто“, истакна Сања Лукаревска.

Лукаревска апелира Собранието побрзо да ги донесе законите од петтиот пакет мерки за да не се казнуваат компаниите кои не ги исплатиле платите во февруари. Таа рече дека ќе има толеранција кон истите но дека дополнително ќе бидат контактирани со цел да се изнајде начин како да ги менаџираат платите до донесувањето на законите.

„Сите оние кои што немаат исплатено плата во законски предвидениот рок, доставени им се опомени, меѓутоа исто така телефонски ќе  бидат исконтактирани за да се најде соодветно решение како би можеле да ги изменаџираат своите долгови се до моментот на носење на финансиската поддршка“, додаде Сања Лукаревска.

Лукаревска потенцираше дека онаму каде се утврдени злоупотреби за наеиплаќање на плати и наназад, УЈП ќе постапува согласно надлежностите за присилна наплата.