Поранешниот филипински претседател Родриго Дутерте е уапсен денеска на аеродромот во Манила по налог на Меѓународниот кривичен суд (МКС) под обвинение за злосторства против човештвото, соопшти филипинската влада.
Дутерте беше уапсен по неговото пристигнување од Хонг Конг и приведен од полицијата по наредба на Меѓународниот кривичен суд, кој ги истражува масовните убиства додека тој беше претседател како дел од неговата брутална војна против дрогата, соопшти канцеларијата на актуелниот претседател на земјата, Фердинанд Маркос.
Како што се додава, по пристигнувањето на аеродромот, на Дутерте МКС за злосторства против човештвото му доставил налог за апсење за злосторства против човештвото од страна на државниот обвинител и тој сега е во притвор.
Неочекуваното апсење предизвика врева на аеродромот, каде адвокатите и соработниците на Дутерте гласно протестираа што тие и докторот не смеат да му пријдат по приведувањето. Тоа е кршење на неговите уставни права, изјави сенаторот Бонг Го, близок соработник на Дутерте.
Дутерте не се извини за бруталното сузбивање на дрогата, при што беа убиени илјадници луѓе додека тој беше претседател на земјата од 2016 до 2022 година, а пред тоа беше градоначалник на Давао Сити, пишува Би-Би-Си.
Налогот за апсење на Меѓународниот кривичен суд испратен до филипинските официјални лица, чија копија беше видена од АП, вели дека постои основано сомневање дека нападот врз жртвите бил широко распространет и систематски, дека бил извршен „во период од неколку години“ и дека „се чини дека илјадници луѓе биле убиени“.
Апсењето на Дутерте беше неопходно за да се обезбеди неговото појавување на суд, според налогот за апсење од 7 март, во кој се додава дека се очекува поранешниот претседател да ја игнорира поканата на судот.
Наредбата понатаму вели дека иако Дутерте повеќе не е претседател, се чини дека тој сè уште има значителна моќ и дека со оглед на ризикот од мешање во истрагата и опасноста по безбедноста на сведоците и жртвите, судот смета дека неговото апсење е неопходно.
По апсењето, Дутерте праша за основата на налогот за апсење. „Какво злосторство направив“, праша поранешниот филипински претседател.
Поранешниот претседателски портпарол Салвадор Панело го осуди апсењето, велејќи дека тоа е „незаконско“ и дека Филипините се повлекле од МКС во 2019 година.
Судот претходно соопшти дека има јурисдикција над Филипините за наводните злосторства извршени пред земјата да се повлече од судот како членка.
Активистите го нарекоа апсењето „историски момент“ за луѓето убиени во војната на Дутерте против дрогата и нивните семејства, соопшти Меѓународната коалиција за човекови права на Филипините.
„Апсењето на Дутерте е почеток на одговорноста за масовните убиства што го дефинираа неговото брутално владеење“, рече претседателот на Коалицијата.
Се уште не е познато кога Дутерте ќе биде префрлен во Европа и предаден на Меѓународниот кривичен суд. Владата соопшти дека 79-годишниот поранешен претседател е во добра здравствена состојба.
МКС започна истраги за убиствата поврзани со дрога под Дутгерте од 1 ноември 2011 година, кога тој беше градоначалник на Давао, до 16 март 2019 година, како можни злосторства против човештвото. Дутерте ги повлече Филипините од Римскиот статут за основање на судот во 2019 година.
Владата на Дутерте се обиде да ја прекине истрагата на судот во 2021 година, тврдејќи дека филипинските власти веќе ги истражуваат истите наводи и дека МКС нема јурисдикција во нивната земја.
Апелационите судии на МКС одлучија во 2023 година дека истрагата може да продолжи и го отфрлија противењето на администрацијата на Дутерте. Судот со седиште во Холандија може да стапи кога земјите не сакаат или не можат да им судат на осомничените за најтешките меѓународни злосторства, вклучително и геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.
Претседателот Фердинанд Маркос Јуниор, кој го наследи Дутерте во 2022 година и влезе во остар политички спор со поранешниот претседател, одлучи повторно да не се приклучува на меѓународниот суд. Но, администрацијата на Маркос соопшти дека ќе соработува со МКС доколку побара апсење на Дутерте според таканаречената црвена потерница, која бара од полицијата ширум светот да ги пронајде и приведе осомничените за криминал.
