Поседува ли македонски пасош мафијашот Звицер?! ВМРО-ДПМНЕ обвинува, МВР негира

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Министерството за внатрешни работи дека му има издадено македонски пасош на Радоје Звицер,кој се споменува како лице кое го планирало убиството на српскиот Претседател, Александар Вучиќ. Од партијата на Мицкоски бараат од Спасовски да ја објави и достави листата со имињата на сите светски мафијаши кои добиле македонски пасош, за да не ја залажуваат светската јавност.

МВР децидно ги негира ваквите обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека на Звицер му немаат издадено пасош.

-Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира дезинформациите пласирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека на извесен Радоје Звицер, му бил издаден македонски пасош. Потсетуваме и дека случајот „Двојник“ е расчистен и за тоа веќе се изречени и судски пресуди, а сите патни исправи поврзани со оваа истрага се поништени во управна постапка и истите не се валидни односно не можат да се користат-велат од МВР.

Повеќе медиуми во  Србија пренесоа информација дека Европол ја алармирал српската власт дека се подготвува атентат врз Претседателот Александар Вучиќ. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак,  објави дека токму Звицер е еден од странските државјани, дел од аферата „мафија“, кои добиле македонски пасош.