Поскапени билетите на автобуските меѓуградски линии. Пред неколку дена цената на линијата Куманово-Скопје „скокна“ за 30 дена, па така сега билетот во еден правец чини 150 денари. Причина за ваквото поскапување е зголемувањето на цената на горивата, се правдаат од автобуските компании, од каде не сакаа да говорат пред камера. Како втора причина се наведува и прогласувањето на недела како неработен ден кој мора да се плаќа, иако не се работи. Граѓаните изреволтирани велат дека поскапувањето е доста големо во споредба со ниските плати.
-Влијае секако дека влијае, не само врз патниците туку воопшто. Така е во целиот свет, но ние сме сиромашна држава и се разбира дека влијае повеќе. Жалби? Каде да се пожалиме, кажи ми? Каде да се пожалиме, кој го слуша гласот на народот? Никој не го слуша, вели граѓанин.
-Во споредба со платите во Македонија, нафтата е прескапа, 74 и бензин 82 денари. Секако дека и превозот ќе поскапи, ќе има големо покачување на цената за превозот.
Оние кои најмногу го чувствуваат поскапувањето на автобускиот билет се студентите:
-Покрај разните проблеми со кои се соочува во текот на академската година, студентот во Северна Македонија сега се соочува и со проблем со транспортот. Ја повикуваме Владата посериозно да се позанимава со оваа категорија граѓани, бидејќи во спротивно ќе излеземе на протест, вели студентот Ерен Алиу.
Економистот Бранимир Јовановиќ вели дека поскапувањето е резултат на глобалното зголемување на цената на горивата.
Тој додава дека освен замрзнувањето на цената, на граѓаните може да им се излезе пресрет и со субвенции, но, како што објаснува, тоа би било потешко да се изведе бидејќи не се знае кој патува, а кој не. Инаку, од почетокот на пандемијата поскапување на билетите беше забележано и за други меѓуградски релации.
