Заедничката фотографија на кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Сотир Лукровски со докторката Маја Мојсовска која беше кандидат за Карпош од СДСМ го отвори прашањето во јавноста дали сепак постои соработка во оваа општина меѓу двата лути ривали. Премиерот Христијан Мицкоски не одговори конкретно, но праша дали СДСМ го поддржува Стевче Јакимовски.
„Можеби вистинското прашање за претседателот на СДСМ е дали тој поддржува лице кое што е на црната листа за сторен криминал кај нашиот стратешки партнер дали поддржува лице кое што е осудено во прв степен поради сторен криминал. Можеби тоа е вистинското прашање.“, рече Мицкоски.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче во однос на оваа слика отфрла било каква можност за соработка и за било каков скриен договор со ВМРО-ДПМНЕ. Тој и денеска обвини дека власта во текот на целата изборна кампања врши постојат притисок, особено во 17-те општини каде тие имаат кандидат за градоначалник.
„И за време на периодот пред првиот круг и во овие изминати две недели сведоци сме на континуирани притисоци врз нашите кандидати и членовите на тимовите на штабовите од страна на полицијата, од единиците за брзо распоредување, понатаму од службите на социјална работа притисок кон граѓаните од единиците на Управата за јавни приходи.“, изјави Филипче.

Мицкоски ги отфрли ваквите обвинувања и рече дека ова се најдемократските избори одржани досега. Доколку имале такви проблеми ги повика да му се јават на неговиот телефон.
„Граѓаните се сведоци дека такво нешто не само што не постои туку тоа е и надвор од мојата лична филозофија и доколку еве било каков индикатор имаат дека тоа се случува мојот телефон слободно можат да ми се јават да пријават да провериме дали е тоа така. Но јас најодговорно тврдам дека не само што нема, туку ќе повторам овие локални избори се избори во кои што навистина македонските граѓани но и Владата покажаа едно ниво на зрелост.“, вели Мицкоски.
Во однос на поддршката во вториот круг Мицкоски рече дека таа ќе биде взаемна со нивните коалициски партнери. Филипче истакна дека формален договор немаат со никого но дека за тоа кому ќе го дадат гласот нивните членови и симпатизери оставаат на тоа одлуката сами да ја донесат. На денешниот последен ден од кампањата со свои пораки излегоа и кандидатот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски и на Центар Мирослав Лабудовиќ.


