Двајцата кандидати во вториот круг за Боговиње се обидуваат во последните денови да ги убедат своите сограѓани дека нивната понуда е најдобра за општината.
Емшиу, кој бара нов мандат, вели дека реализирал повеќе проекти и најавува завршување на започнатите и почеток на нови.
„Во четиригодишниот мандат реализиравме многу проекти, меѓу кои најзначајни се асфалтирањето на патот Пирок, патот Боговиње–Селце и патот ‘Хит Оил’ – магистралата. Освен тоа, работиме и на водоснабдувањето во населеното место Пирок, од Раковац до резервоарот. Друг важен проект беше и водата во населеното место Палаќиште, кој е реализиран. Реализиравме и многу други проекти, а во иднина планираме да изградиме и спортска сала во Боговиње“, вели Бесник Емшиу – кандидат на НАИ за градоначалник на Боговиње.
Абази од ВЛЕН вели дека во преостанатите денови од кампањата се обидува да го посети секој жител за да го претстави својот план за општината.
„Во преостанатите денови до изборите се обидуваме максимално да го искористиме времето за да ја пренесеме пораката и проектите од нашата програма што планираме да ги реализираме во четиригодишниот мандат. Во првите 20 дена вложивме максимум напор, а продолжуваме и овие последни денови да стигнеме до секој граѓанин, колку што е можно појасно и поконкретно, за да ја пренесеме пораката на најсоодветен начин. Најголемиот фокус е на водоснабдувањето, главната инфраструктура со капитални проекти за патишта и канализација“, изјави Фети Абази – кандидат на ВЛЕН за градоначалник на Боговиње.
Општина Боговиње има 29 илјади гласачи и е една од седумте рурални општини во Полошкиот регион.
