Тој има 78 години и дошол да се вакцинира против грип.
ТВ21: Имате 78 години. Дали се чувствувате подобро кога се вакцинирате?
Граѓанин: Да, подобро.
ТВ21: Полесно ли го прележувате грипот кога сте вакцинирани?
Граѓанин: Да, полесно.
Ред за имунизација чекаат и други постари лица во поликлиниката во Бит Пазар.
– Нашата возраст треба да се вакцинира, затоа што со вакцинацијата се обезбедува заштита, секако, вели граѓанин.
ТВ21: Дали се вакцинирате секоја година?
Граѓанин: Ова е третата година.
Пред вакцинацијата, лекарите им поставуваат на пациентите неколку прашања за да се спречат можни компликации.
Доктор: Лани дали се вакциниравте?
Пациент: Да.
Доктор: Сега дали сте болни?
Пациент: Не.
Доктор: Дали сте на антибиотска терапија?
Пациент: Не.
Доктор: Добро, извадете ја личната карта.
Во поликлиниката Бит Пазар дневно се вакцинираат околу 600 граѓани.
„Минатата недела имавме околу 300 пациенти дневно, а се работи во две смени – од 8 до 19 часот. Се вакцинираа околу 300 лица, а сега, поради зголемениот интерес од понеделникот, вакцинираме од 500 до 600 пациенти дневно. Како што гледате, во ходниците нема долги редови, процесот се одвива брзо, граѓаните доаѓаат на својот термин. Сега, кога е период на вируси и грип, ако некој е болен, има температура или кашлица – треба да знае дека може да дојде и еден месец подоцна, откако ќе му помине терминот“, вели Сања Цилевска-Младеновска – докторка.
Министерството за здравство информира дека интересот за вакцинација против сезонски грип е во континуиран пораст. До сега над 70 илјади граѓани се пријавиле, а повеќе од 22 илјади лица се веќе вакцинирани низ целата држава. Вакцинацијата се спроведува во 35 вакцинални пункта, од кои пет се во Скопје. Сите заинтересирани граѓани можат да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар.
