Националниот парк Маврово започна со воспоставување систем за видео надзор на 60 локации низ територијата на паркот, со цел да се зајакне заштитата на природните ресурси и биолошката разновидност, соопштија од Јавната установа.
Одделението за заштита и мониторинг ќе користи камерите за следење на дивите видови животни, нивната бројност, како и за рано откривање на незаконски активности, вклучително бесправна сеча, лов, загадување и уништување на природата.
„Со поставувањето на видео надзорот се овозможува навремена реакција од страна на надлежните служби, со што се унапредува севкупната заштита и управување со паркот“, истакнуваат од Националниот парк Маврово.
Камерите веќе забележале различни видови диви животни, а снимките ќе послужат за научни и конзервациски цели. Паркот апелира до сите посетители да ги почитуваат правилата за движење, да се однесуваат одговорно и да ја сочуваат природата за идните генерации.
Националниот парк Маврово нагласува дека оваа мерка е дел од континуираните активности за одржливо управување со природните вредности и екосистемите на паркот.
