Освен парични, да има и затворски казни до една година за оние работодавачи кои нема да им исплатат плати на работниците иако за тоа добиле субвенции од државата, бара сојузот на синдикати на Македонија. Од таму велат дека само така ќе се стави крај на овој тип на прекршување на правата на работниците, упатувајќи апел до сите работници да се охрабрат и да ги пријавуваат и овие, но и сите други прекршувања на нивните права.
„Ги охрабрувам работниците преку нашата апликацијата е-советник да пријават за себе анонимно, за друго лице, да ја искористат оваа можност, а ние во име на ССМ ќе поведеме судски спор, бесплатно ќе ги застапуваме во судовите и ќе им дадеме бесплатна правна помош, истакна Дарко Димоски, претседател на ССМ .
Според Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, сега откако УЈП ги објави податоците на команиите кои не ги исплатиле платите иако добиле субвенции треба да настапат институциите и да ја овозможат правдата.
„Сега се на потег институциите кои се надлежни и со мерки и активности треба да ја испорачаат правдата, но и да овозможат да се испочитува она за што ние како Влада отворено се заложивме и така ја креиравме финаниската поддршка на компаниите. Инспекциските служби работат постојано на терен, дзголемен обемот на работата на инспекторите, државниот инспекторат за труд, излегуваше на терен на вонредни надзори, секаде каде имаше кршење на работничките права ги адресираше и постапуваше согласно неговите ингеренции“, посочи министерката.
УЈП денеска соопшти дека до 31 мај 2021 година плата на своите вработени не им дале вкупно 181 работодавач кои добиле финансиска поддршка од државата за февруари и март. Од нив, 157 не исплатиле плата за еден месец, а 24 за двата месеца.
„По региони, Најмногу обврзници што не исплатиле плата се од Скопје, 71 обврзник потоа од Тетово 53 обврзници и 27 обврзници се од Битола“, изјави Сања Лукаревска, директор на УЈП.
Од управата за јавни приходи велат дека компаниите добиле опомени, а даночниците најавуваат присилна наплата ако не ги исплатат платите на работниците.
