Повеќе лица меѓу кои и две жени повикани во полиција по објави дека водата во Скопје не е безбедна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќе лица попладнево се повикани на разговор во полициска станица во врска со објавите на социјалните мрежи дека водата во Скопје не е безбедна за пиење и дека во неа е пронајдена бактеријата ешерихија коли.

Според информациите, меѓу повиканите се и две жени кои ги споделувале овие информации на социјалните мрежи. Од нив се бара да објаснат како дошле до информацијата за наводното присуство на ешерихија коли во водата и поради што ја споделиле со јавноста.

Претходно и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за Сител потврди дека има повикано повеќе лица на разговор.

„Како што сум информиран, Министерството за внатрешни работи има повикано повеќе лица на информативен разговор и, според мене, мора да има одговорност за ова што се случува. Не може туку така да споделувате ваков тип информации и да ширите масовна хистерија и паника кај граѓаните. И според мене, ова е дело на најголемата опозициска партија во државата, којашто една година создава хистерија – ќе нема плати и пензии, ќе има мигранти, надворешната политика не функционира, а денеска дознавме дека бактериолошки е загадена водата во главниот град?!“, изјави Муцунски.

Случајот следува откако на социјалните мрежи се проширија тврдења дека водата во Скопје не е за пиење, што предизвика вознемиреност кај дел од граѓаните.