Македонија вчера ја доживеа најголемата трагедија од осамостојувањето. Во пожар во диско клубот „Пулс“ во Кочани, загинаа најмалку 59 лица, од кои голем број на млади лица.
Во тој „хаос“ на информации вчера, ова се клучните поенти за кои знаеме досега.
-пожарот се случил нешто пред 3 часот, веројатно од искри од пиротехника кои ја запалиле кровната конструкција, при што со огромна брзина се проширил. Настанало стампедо од луѓе кои се бореле да излезат надвор
-веднаш е почната спасувачка акција во која противпожарни возила биле испратени од сите места од државава, по што повредените се транспортирале во Штип, Скопје, Куманово…
-животот го загубија најмалку 59 млади лица, а над 100 беа хоспитализирани низ клиниките во државата. Повеќе од 40 лица беа испратени на лечење во Бугарија, Грција, Србија, Хрватска, Турција, Романија…
-загинаа шест членови на групата ДНК, меѓу кои и пејачот на групата Андреј Ѓорѓиески
-клубот работел со фалсификувана лиценца, издадена од Министерството за економија
-Владата донесе одлука за седумдневна жалост на територијата на целата држава
-Јавното обвинителство изврши увид, и утврди многу неправилности, меѓу кои немање хидратантски систем, недоволен број на ПП апарати, недоволен број на излези…
-ЈО утврди и неправилности при пренамената на објектот, односно не бил регистриран како угостителски објект
-Приведени се 10 лица, некои поранешни вработени во министерството од економија, како и поранешниот директор за заштита и спасување. Вчера на информативен разговор беше и екс министерот за економија Крешник Бектеши. За 10 лица е одредена мерка притвор од 48 часа
-Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека ова е најтажниот ден во неговиот живот и најави жестока акција за лоцирање на одговорност со име и презиме
-И министерот за внатрешни работи Тошковски најави дека виновниците имаат име и презиме
-ЈО и денеска ќе биде на лице место и ќе собира уште докази за да се утврди причината
-Врз телата на починатите ќе се врши обдукција, за да се утврди причината за смртта. Дел од најблиските да починатите не сакаа да дозволат обдукција, и се направи тензија пред кочанската болница, каде не дозволуваа телата на нивните најблиски да бидат транспортирани во Скопје да се изврши обдукцијата
-Во Скопје многу хотели и ресторани нудеа бесплатно сместување и храна за семејствата на повредените кои се лекуваат во главниот град