Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го повлече обвиниенето против Цветан Панделевски.
Панделевски во јавно обраќање рече дека исходот ја потврдува неговата позиција дека против него нема докази за сторено кривично дело, но и дека последиците од постапката остануваат.
„По одлуката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција да го повлече обвинението против мене во предметот „Империја“, се потврди она што континуирано, јавно и аргументирано го посочував во текот на целата постапка – дека против мене не постоеја релевантни докази за сторено кривично дело.
Од самиот почеток укажував дека обвинението е правно и фактички неосновано, дека постапката е оптоварена со сериозни процесни пропусти и дека не постојат докази што би ја поткрепиле тезата за измама или перење пари.
Во текот на постапката против мене беа водени две обвиненија. Првото се однесуваше на наводна злоупотреба на положбата и оштетување на акционерите на „Бетон – Штип“, при што обвинителката тврдеше дека постојат околу 150 оштетени лица. На самото судење, ова обвинение беше повлечено, бидејќи во реалноста не постоеше ниту еден оштетен акционер.
Паралелно, со правна манипулација беше продолжена постапката за наводна измама и перење пари во однос на Кираца Трајковска, која ја презеде нов обвинител. По јасна изјава од страна на Трајковска, дека никогаш немала контакт со мене, како и по изјавите на 14 акционери од „Фершпед“ дека ниту тие никогаш немале разговор или каков било однос со мене, стана очигледно дека не постои ниту фактичка ниту правна основа за продолжување на обвинителниот акт.
Со повлекувањето на обвинението, обвинителството практично потврди дека:
1. Не постои доказ дека сум презел дејствија со намера за прибавување противправна имотна корист,
2. Не постои доказ дека сум довел кого било во заблуда,
3. Ниту пак дека сум имал влијание врз одлуките на акционерите или управувањето со нивниот имот.
Овој исход за мене не претставува победа, туку задоцнета институционална потврда дека правото и фактите, и покрај сè, мора да надвладеат.
Истовремено, не може да се игнорира фактот дека оваа повеќегодишна постапка остави сериозни последици врз мојот личен и деловен интегритет, како и врз компаниите со кои сум поврзан. Во изминатите години тие функционираа под постојан притисок, правна неизвесност и нарушена деловна репутација, што неминовно влијаеше врз нивната работа и развој“, вели Панделевски.
