Повторно се одложуваат работите за тетовскиот кружен тек, Рустеми вети дека работите ќе почнат во септември, сега вели во октомври

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Работите за кружниот тек во Тетово од правец на Косово се очекува да започнат следниот месец. Иако претходно директорот на Јавното претпријатие „Државни патишта“, Ејуп Рустеми изјави дека работите ќе се изведуваат во текот на овој месец, сега нагласи дека „поради процедурите“ работите ќе почнат во октомври. Рустеми изјави дека процедурите за избор на фирма за изградба на кружниот тек во Тетово се при крај.

-Процедурите за избор на фирма за кружниот тек во Тетово се при крај и се надеваме дека за 10-15 дена ќе го имаме конечниот избор на фирма и надзор и од почетокот на октомври изградбата на кружниот тек во Тетово ќе започне и со што ќе се овозможи намалување на сообраќајот во Тетово со што ќе се подобри и животот на граѓаните на Тетово. Изградбата на кружниот тек ќе трае 18 месеци, треба да заврши за 18 месеци“, рече Рустеми.

Но, што вети Рустеми на 1 јуни годинава?

-За кружниот тек во Тетово имаме и дозвола за инфраструктурен проект, се е направено, Елаборатите за да се изврши експропријација на земјиштето. Следната недела ќе го објавиме и тендерот за изборот на изведувач и се надеваме дека од септември ќе ја видите механизацијата како работи. Ова е многу важно за Тетово-рече тогаш Рустеми.

Новиот кружен тек е планирано да се гради од автопатот во Тетово од делот на индустриската зона и да излегува кај селото Непроштено во општина Теарце. Истиот е планиран да биде долг околу 6 километри. Граѓаните кои не одат до Тетово нема да влегуваат во градот и со тоа се очекува да се олесни сообраќајот.