Повторно затворање на границите?! – Комисијата за заразни болести утре одлучува за границите со Косово и Србија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Константниот раст на бројот на нови случаи од корона вирусот, претставува закана за повторно затворање на граничните премини. По помалку од една недела откако граничните премини беа отворени, Комисијата за заразни болести утре ќе се произнесе дали повторно ќе се воведе режим на границите на Србија и Косово или ќе ги затвори граничните премини со овие земји.

„Комисијата за заразни болести активно ја следи епидемиолошката состојба со корона вирусот во регионот и соседните земји и можното враќање на мерките е во насока на превенција од потенцијални ризици по здравјето на населението во Северна Македонија“, велат од Министерството за здравство.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров вели дека одлуката за евентулано затворање на границите, нема да биде политичка.

„Во овој период во смисла на прашањето на границите, нема политика. Клучниот критериум е епидемиолошката слика. Ние во овој период ќе бидеме во блиски консултации со сите земји од интерес. Колку повеќе се придржуваме до мерките, носиме маски, одржуваме дистанца, толку подобра ќе ни биде епидемиолошката слика и ќе ни бидат отворени сите граници“, истакна Никола Димитров.

Во меѓувреме, поради влошување на епидемиолошката состојба во Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ размислува за повторно воведување полициски час во вечерните часови, или, што е далеку поверојатно, целосно затворање на Белград.