Пожар во Сантијаго, облак отровен чад над градот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поради огромен пожар во фабрика во Сантијаго, над гладот се издигна облак од густ сив чад, поради што некои летови беа пренасочени, а училиштата и градинките во главниот град на Чиле се затворени.

Пожарот избувнал во фабрика за градежен материјал во општина Киликура во северниот дел на Сантијаго, а на видеата објавени на социјалните мрежи се гледа како црн чад се издига на небото и се шири над градот носен од ветрот.

Во извештајот на противпожарната служба и канцеларијата за безбедност на меѓународниот аеродром во Сантијаго се наведува дека чадот не влијаел на работата на терминалот, но потврдува и дека некои авиони кои летале од југот кон северот на земјата биле пренасочени, јавија локалните медиуми.

– Се советува луѓето да не се изложуваат на чадот и да ги затворат прозорците. Доколку се појават одредени здравствени проблеми, да се обратат до најблиската здравствена установа, изјави Мигел Муњоз, регионален директор на Националната канцеларија за вонредни ситуации.

Тој предупреди дека сите видови чад се токсични и оти влијанието на загадувањето врз здравјето на луѓето најмногу ќе зависи од изложеноста и концентрацијата на чад, апелирајќи до граѓаните да избегнуваат физички активности на отворено.