Во селото Воѓани, општина Кривогаштани, осумчлено семејство од вчера е без покрив над главата поради пожар кој целосно ја уништи нивната куќа и речиси целиот род на тутунот, околу еден тон. Семејството Благадушески во Новата година ќе влезе без дом и без макотрпниот труд вложен во тутунот.
Пожарот избувнал на 16 декември поради неисправна електрична инсталација и за само еден час ја уништил целата куќа. Семејството, среќа велат, не било во домот во моментот на инцидентот и моментално се сместени кај роднини.
– „Седевме во помошната просторија до куќата кога соседот викна дека гори. Кога излеговме, куќата веќе беше во пламен. Сопругот ги исклучи осигурувачите, повикавме пожарна и им се јавивме на синовите кои не беа дома. Многу, многу гореше“, изјави Јулијана Благадушеска.
Во куќата живеело осумчленото семејство: свекорот на Јулијана, таа и нејзиниот сопруг, деверот, двата сина, четиригодишниот внук и снаата која треба да се породи во февруари. На таванот се чуваше и тутунот кој исто така изгоре.
– „Среќа што не бевме во спалната, инаку можеше сите да изгориме. Освен тутунот, изгоре и целата покуќнина“, додаде Благадушеска.
Сега местото каде што стоела куќата е расчистено од гарежот, а семејството се обидува да обезбеди минимум простории за сместување. – „Приоритет ни е да направиме две-три простории за да се сместиме. За празниците ќе се снајдеме како што знаеме. Луѓето помагаат“, додава таа.
Деверот, Дејан Благадушески, истакнува дека хуманоста на луѓето е голема и дека најважно е сите да се на број. – „Најбитно ни беше да бидеме сите живи и здрави. Луѓето од селото и соседните места нè поддржуваат, за што сме многу благодарни“, рече тој.
Општина Кривогаштани отвори жиро сметка за собирање помош за семејството, а веќе стигна и поддршка од Сојузот на земјоделски здруженија, кој издвоил од 120.000 до 180.000 денари. Претседателот Кире Ристески посочи дека штетата од изгорениот тутун изнесува околу 10.000 евра, а куќата била уште поголема загуба.
Семејството Благадушески тагува по изгубениот дом и труд, но со надеж ја чека радоста од новиот член кој треба да се роди во февруари. Секоја поддршка за нив ќе биде добредојдена.
