И покрај тоа што поголем дел од пожарите што денеска избувнаа на повеќе локации низ државата се локализирани или изгаснати, пожарникарите и надлежните служби и натаму се борат со огнот кај селото Белица во Општина Македонски Брод, додека во текот на денот интервенции имаше и во Штип, каде што избувна нов пожар на ридот Исар.
Според пресекот на состојбата што го објави Центарот за управување со кризи (ЦУК) во 18 часот, во текот на денот биле евидентирани вкупно 11 пожари на отворен простор. Од нив, еден пожар останува активен – кај селото Белица во Македонски Брод, каде што гори нискостеблеста вегетација. Под контрола е ставен пожарот кај селото Милетино во Општина Брвеница, додека девет други пожари се целосно изгаснати.
Меѓу изгаснатите се пожарите кај Кучково, Црквино, Црвени Брегови, Стојаково, Добрејци, манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, Царевиќ, Нов Караорман и Смојмирово.
Претходно во текот на денот нов пожар избувна и на ридот Исар во Штип, каде што пламените јазици се проширија кон ридскиот предел над градот. Во гаснењето беа вклучени пожарникари, локални служби и воздухопловни средства, а поради близината на огнот до индустриската зона беше извршена и превентивна евакуација на дел од работниците.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека првичните информации укажуваат на две можни причини за пожарот во Штип.
„Пожарот кој што изби на Исарот имаме индиции дека е настанат поради чистење на двор на некоја од куќите, но исто така има одредени индиции дека настанал поради допирање на лабави жици помеѓу две бандери. Се работи на прецизирање на причинителите“, рече Ангелов.
Тој упати силен апел до граѓаните во периодот на високите температури да не палат оган на отворен простор, предупредувајќи дека и навидум безопасни активности можат да предизвикаат сериозни последици.
„Апелирам до сите граѓани да бидат внимателни и никаде, никогаш во текот на летото да не палат оган на отворен простор. Палењето оган од било кој мотив може да предизвика пожар со катастрофални последици“, нагласи Ангелов.
Воедно ги повика граѓаните да пријавуваат оштетени или разлабавени електрични водови до ЕВН или на единствениот број за итни случаи 112, а сопствениците на викендички, стари и напуштени куќи во руралните средини да ги исчистат дворовите од сува трева и вегетација, со цел да се намали ризикот од ширење на евентуални пожари.
Надлежните служби остануваат на терен, а институциите апелираат на максимална претпазливост, бидејќи високите температури, сувата вегетација и ветерот значително го зголемуваат ризикот од брзо ширење на пожарите.
