Пожарите во Шпанија влегуваат во критична фаза: Изгорени над 150.000 хектари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шпанија и натаму води тешка битка со големите шумски пожари во близина на Мадрид и во регионот Авила, каде надлежните предупредуваат дека следуваат одлучувачки часови во обидите огнената стихија целосно да се стави под контрола.

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека досегашната борба со пожарите се одвива во позитивна насока, но нагласи дека ситуацијата останува сериозна и дека претстојат неколку исклучително тешки часови.

Во меѓувреме, обемот на штетите продолжува да расте. За помалку од едно деноноќие, вкупната изгорена површина во земјата се зголемила од 130.000 на околу 150.000 хектари.

Армиската единица за вонредни ситуации соопшти дека е постигнат значителен напредок во ограничувањето на пожарите. Потполковникот Алфонсо Аррибас, кој раководи со операциите, изјави за јавниот сервис РТВЕ дека целиот надворешен фронт на пожарот е ставен под контрола, а екипите сега работат на локализирање на преостанатите критични жаришта за да се спречи повторно разгорување.

Противпожарните служби се надеваат дека поволните временски услови ќе овозможат директна интервенција и во деловите кои сè уште не се целосно локализирани. Сепак, надлежните предупредуваат дека иако надворешниот периметар е обезбеден, целата зафатена површина сè уште не може да се смета за безбедна.

Експертите предупредуваат дека пожарите од ваков размер создаваат огромни количества чад и ситни штетни честички, кои воздушните струења ги пренесуваат на големи растојанија. Ваквото загадување веќе влијае врз квалитетот на воздухот во делови од Југоисточна Европа, што покажува дека последиците од пожарите во Шпанија се чувствуваат и надвор од нејзините граници.