Големиот шумски пожар што избувна во петокот во централна Грција и се прошири кон западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, и натаму не е ставен под контрола. И четврти ден по ред, околу 500 пожарникари се борат со огнената стихија, во која животот го загубија две лица по судар на два хеликоптери ангажирани во гаснењето на пожарот.
Со намалувањето на интензитетот на ветерот утрово повторно беа активирани и воздушните сили, со цел да се локализира пожарот и да се спречи неговото понатамошно ширење.
Во текот на ноќта, преку системот 112 за итни случаи, беше испратен повик за евакуација до жителите на неколку населени места во западниот дел на Атика.
Трагедијата се случи вчера попладне, кога за време на интервенцијата се судрија два изнајмени хеликоптери. Загинаа пилотот на едниот хеликоптер, дански државјанин, и координаторот на летот, грчки државјанин.
Грчката полиција ја води предистражната постапка за утврдување на причините за несреќата. Од Противпожарната служба соопштија дека ќе бидат преземени сите законски предвидени дејствија, а местото на несреќата е обезбедено од полициски сили.
По завршувањето на истрагата, случајот ќе биде предаден на надлежното јавно обвинителство.
Во меѓувреме, кипарскиот претседател Никос Христодулидис изјави дека Република Кипар е во постојана комуникација со грчките власти преку националниот координатор за цивилна заштита и е подготвена да пружи помош во справувањето со големите пожари.
