Пожарот во Студеничани и натаму активен, 21 пожар регистриран денеска во земјава

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пожарот во атарот на селото Рамни Габер, во Општина Студеничани, и натаму е активен, а линијата на огнот е доста долга, информира вечерва директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Тој посочи дека пожарот ќе продолжи да се гаси во текот на ноќта, а интензивна интервенција ќе има и утре рано наутро.

Во текот на денот на терен дејствувале три „ер трактори“, кои значително го забавиле ширењето на огнот, но пожарот сè уште не е локализиран.

Во гаснењето учествувале и припадници на скопската Бригада за противпожарна заштита, со поддршка од тимови на ДЗС и четири возила „пинцгауер“.

Според најавите на Ангелов, утре рано наутро гасењето ќе продолжи со пешадиски тимови, а подоцна во акцијата повторно ќе се вклучат и трите „ер трактори“ на ДЗС.

До 17 часот денеска во земјава се регистрирани 21 пожар на отворен простор, што претставува најголем број пожари во еден ден досега ова лето.