Пратениците го бараат Законот за правична застапеност, Минчев уверува дека по Венецијанската комисија ќе дојде во Собрание

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Законот за правична застапеност беше тема на расправа на денешните пратенички прашања. Елми Азири од Европскиот фронт вели дека овој чувствителен закон кој, како што рече е само на три страни, е испратен на Венецијанската комисија без пратениците да бидат запознаени со нејзината содржина.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев рече дека правичната застапеност е уставна категорија која произлегува од Охридскиот договор и тоа мора да се спроведува. Да немате дилеми дека некој сака нешто да протне под маса, нормално дека овој закон ќе го разгледуваат пратениците, рече Минчев.

„Што се однесува до содржината на законот исто како што во Собранието е формирана Комисија не знам од кои причини затоа што тоа се регулира со закон, има координативно тело кое што ќе биде составено од повеќе министри во соработка со Агенцијата за администрација ќе го следи процесот на правична застапеност во јавната администрација, односно во сите институции“, изјави Минчев.

Азири постави прашање и околу изградбата на брзата пруга од Коридорот 10, на што министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска рече дека доколку не ја изградиме ќе останеме црна дупка на Балканот во однос на транспортот.