Пратениците влегоа во АНБ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратениците членови на Комисијата за надзор над работата на АНБ влегоа во Агенцијата. Дојдоа со иста цел, но со различни ставови околу тоа дали треба да има декласификација на документите или не. Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска вели дека доколку тоа не се направи јавноста ќе има многу површни сознанија за тоа што се случувало. Таа има неколку прашања за надлежните во Агенцијата.

-Што се случило со шефот на внатрешна контрола, зошто тој бил сменет, според мои информации, можеби не е вистина, зошто тој бил сменет непосредно пред да започне оваа внатрешна истрага во Агенцијата и така натаму тоа се прашања кои се во интерес на овој надзор. Ако јавноста не ги добие вистинските а чекор кон тоа е декласификацијата која ние ја бараме тогаш овој случај ќе остане да биде преписка или размена на зборови меѓу политичките партии, изјави Славјанка Петровска, пратеничка од СДСМ.

Но за Пренџов најважно е да се видат деталите околу тоа кои мерки биле користени и дали институциите ќе го решат овој случај.

-Она кое што е важно е да видиме што се случувало точно, да видиме кој колку бил таргет, да видиме кои мерки биле користени против тогашната опозиција, да видиме што е испратено до Обвинителството на Република Македонија и конечно овие институции да ги решат овие работи за никогаш повеќе да не ни се случуваат во рамки на македонското општество бидејќи сметам дека службите треба да бидат чувари на државата а не треба да бидат генератор на кризи во државата, изјави Љупчо Пренџов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Посетата на АНБ беше договорена на денешната седница на Комисијата за надзор над работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање, со која претседаваше заменикот Блерим Беџети, кој исто како и Скендер Реџепи нема сертификат. Покрај во АНБ договорено е утре пратениците да одат и во увид на работењето на Агенцијата за разузнавање.