Своето новогодишно обраќање претседателот Пендаровски го почна со едноминутен молк за загинатите во неодамнешната автобуска несреќа во Бугарија, во пожарот во модуларната болницата во Тетово, но и за сите оние граѓани кои животот го загубија од вирусот Ковид 19. Во пораките што ги пренесе најпрво говореше за реформите во владеењето на правото.
Бугарската блокада на патот кон Европската унија не смее да не натера да донесува избрзани одлуки имајќи ги предвид нашите црвените линии, порача Пендаровски во врска со спорот со нашиот источен сосед. Според него нема дилема дека не постои друга опција освен Европската унија, но доколку за тоа цената е нашиот идентитет тогаш тоа е преголем жртва, порача шефот на државата.
Пендаровски се осврна на се поголемото иселување на младите од државата. Оваа појава е алармантна и ние како држава треба да направиме се за да ги задржиме бидејќи причината не е само егзистенцијална, туку и немањето доверба и иднина во својата земја.
На крајот тој порача дека треба да престанат поделбите меѓу граѓаните, малкумина останавме во татковината и нови делби не смеат да се случат рече тој. Истакна дека иднината ќе зависи од одлуките кои ќе се носат и затоа очекува новата Влада да се посвети на реалните проблеми на граѓаните.
