Право за сите – како да добиете бесплатна правна помош во нашата држава?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во нашата земја, обезбедувањето бесплатна правна помош е загарантирано право за граѓаните кои немаат можност да ги покријат трошоците за правна помош. Ова право им припаѓа на: лица со ниски или никакви приходи, корисници на социјална помош, лица со попреченост, жртви на семејно насилство, баратели на азил, лица без државјанство, стари лица без семејна поддршка, малолетници вклучени во правни постапки, лица кои се наоѓаат во затвор или притвор.

Претставници на Здружението на млади правници денес во Кичево ги информираа граѓаните за чекорите кои треба да ги преземат овие категории за да добијат бесплатна правна помош согласно со законот.

Бесплатната правна помош е поделена на примарна и секундарна. Примарната е достапна за сите, додека секундарната е наменета за социјално загрозените категории, кои имаат право на бесплатен адвокат во каков било правен случај.

Аплицирањето за бесплатна правна помош се врши во регионалните единици на Министерството за правда или во канцелариите на лиценцираните организации кои го нудат овој сервис. Формуларите се бесплатни, а процедурата е поедноставена, со цел да се овозможи полесен пристап за граѓаните.

Целта на бесплатната правна помош е заштита на основните човекови права и обезбедување пристап до правда за сите, без разлика на економската состојба или социјалниот статус.